Позитивна, насмеана
и полна со енергија. Таква ја сретнавме Ивана Карова додека следевме културна
манифестација во Домот на културата. Си ги споделивме импресиите од
настанот, па љубопитно чепнавме во нејзиниот приватен живот и откривме
нови работи и успеси.
Твое време: Твојата прва книга беше издадена во 2011 година. Ти донесе големи успеси. Дали подготвуваш нешто ново?
Ивана: Помина многу време од промоцијата на мојата прва книга, но добро се сеќавам дека тогаш пред најблиските ветив дека нема да застанам таму. Пишувам да, дело со поинаква форма. Моментално вложувам многу во него, се надевам на добар плод.
Твое време: "Поезијата е мојата прва љубов" - изјави пред 2 години пред локалните медиумски телевизии. Од кога пишуваш и кои се твоите почетоци?
Ивана: Пишувам и творам од кога ги научив буквите и потоа веднаш станав член на ЛК "Копнеж" (се смее). Цели 9 години растам и созревам во тој клуб. Стекнав големо искуство од страна на повозрасните членови. Им благодарам.
Твое време: Дали е тешко да се пишува поезија?
Ивана: Мојата професорка по Македонски јазик и литература Љубинка Донева, вели: "Поезијата е она најчистото и највистинското јадро. Ако имаш стотина камчиња песок, ти треба да ги избереш најдобрите и најсјајните, вклопувајќи ги на вистинското место во стихот. Па така, поезијата за разлика од прозата е потешка за создавање".
Твое време: Што е она што те иснпирира и те прави секогаш вака позитивна?
Ивана: Секое ново утро, секој нов ден. Најсреќна сум во друштво на мојот помал брат, секогаш знае да ме насмее. Се трудам секогаш да мислам позитивно, иако понекогаш едвај ја дочекувам ноќта за да легнам и да се одморам.
Твое време: Што правиш кога некогаш нештата не тргнат според планираното?
Ивана: "Универзумот има план за вас, се што треба да направите е да го прифатите планот" - прочитав во делата на Коста Петров. Сепак ние младите се' уште се наоѓаме на почетокот од нашите животи и ништо не е страшно ако дел од нашите планови не бидат исполнети. Нашето допрва доаѓа.
Твое време: Кој е твојата најголема поддршка во животот?
Ивана: Моите родители. Личностите на кои 16 години се потпирам и знам дека секогаш можам да им верувам. Знам дека после секоја добро завршена работа, тие искрено ќе се радуваат со мене на мојата среќа. Премногу сум врзана за семејството, тоа е мотивот за моите успеси.
No comments:
Post a Comment