Tuesday, February 4, 2014
Ана Дедова: Мојата мисија е да допрам до сечие срце
Веќе позната помеѓу кочанската публика. Цврста зад своите дела и горда на своите успеси. Ана Дедова е уште еден кочански бисер кој го краси нашиот град со својот талент. Нејзините дела и творби сведочат за нејзината работа и визија, а нејзината ведрина и пријатност се доказ дека таа е една прекрасна личност.
-Твое време: Здраво Ана, чест ни е што одвои дел од твоето скапоцено време за нашиот разговор и да ни откриеш нешто повеќе за твојот талент.
Најпрвин, од кога пишуваш и кој е мотивот кој те поттикнува да пишуваш?
-Ана Дедова: Здраво! Најпрво сакам да ви се заблагодарам што се сетивте на мене.Чест ми е и големо задоволство што сум дел од ова интервју.
Мојот талент го открив сосема случајно пред 16 години при мојот прв престој во прекрасниот град Охрид.
Воодушевена од прекрасната глетка кон езерото тогаш ја напишав и мојата прва песна "Охридско езеро". Истото лето ги напишав песните "Убавина" и "Галеб".
Покасно продолжив да пишувам детски песни и песни за возрасни.
Така настанува мојата збирка поезија "Охридски Бисери".
-Твое време: Автор си на твое дело како што веќе наспомна.. Дали беше задоволна од промоцијата и какви беа коментарите на читателите? Кажи ни нешто повеќе околу книгата.
-Ана Дедова: Да автор сум на книгата "Охридски бисери". Зошто токму "Охридски бисери"? Како што реков се започна токму во убавиот Охрид. Голема подршка добив токму во Охрид каде што ја печатив мојата книга, па затоа некако логички се наметнува и насловот на книгата.
Промоција правев во Охрид и Кочани. Морам да признаам дека кочанската јавност има повеќе посетители и читатели од Охрид. Секако за Охрид бев странец, но сум задоволна и од тамошната промоција. Читателите коишто уживаат во поезија или проза, позитивно коментираа и се воодушевуваа на секое мое дело.
-Твое време: Дали поезијата претставува твојата прва љубов како и на мнозина други автори? Што е она што те исполнува да го правиш?
-Ана Дедова: Да, во секој поет или писател без разлика има љубов кон она што го работи.
Во поезијата се изразени длабоки чувства кога пишуваат за возрасните или наивно чисто како душата на детето. Пред се, треба да се има талент.
Секоја работа треба да го исполнува човекот без разлика што работи.
Мојата мисија е да допрам до сечие срце, да внесам радост во детето и да им го дадам на читателите најдоброто од мене.
-Твое време: На што работиш во моментов? Дали може да очекуваме нова книга?
-Ана Дедова: Па работам на втората збирка поезија, што наскоро треба да биде готова. Мислам дека оваа ќе биде отпечтена во некои од печатниците во нашиот град Кочани.
-Твое Време: Кој е твојата најголема поддршка во животот?
-Ана Дедова: Хммм, најголемата поддршка на човекот е довербата во себе. Колку и да го подржуваат останатите, ако нема доверба во себе и љубов кон она што го работи, се е залудно.
-Твое време: Дали мислиш дека Кочани е град во кој има многу талентирани млади, а сепак јавноста не знае за нив? Мислиш ли дека нашиот град ги има можностите да се развива и промовира еден талент на една млада личност?
-Ана Дедова: Кочани има одличен развој на млади таленти, бидејки во ЈОУБ "Искра" - Кочани, литературниот клуб "Копнеж" е многу активен и има голема традиција. Многу млади талентирани луѓе во Кочани се активни и работат на она што ги исполнува. Се надевам дека традицијата ќе продолжи со генерации. Верувам дека секогаш ќе има млади таленти.
-Твое време: Ти благодариме на одвоеното време драга Ана. Ние и понатаму ќе ги следиме твоите успеси и ти посакуваме многу среќа!
-Ана Дедова: Ви благодарам и вам, се надевам дека ќе продолжите и понатаму со програмата.
Мене ми беше чест и огромно задоволство што бев дел од вас.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment